Јаго Аспас испиша нова историја на Селта

Со настапот во дуелот против Ница (2-1) во рамки на третото коло во Лига Европа, шпанскиот напаѓач Јаго Аспас стана фудбалерот со најмногу настапи во историјата на Селта Виго.

Во својот рекорден 534 настап за Селта, 38-годишниот Аспас го постигна и својот 217 гол во дресот на клубот од Виго и е убедливо најдобриот стрелец во клупската историја.

По натпреварот, Селта одржа посебна церемонија за новиот рекордер.

„Никогаш не сонував дека ќе бидам тука, дури ни во моите најлуди соништа. Во клубот се чувствувам како дома и всушност поминувам повеќе време на тренинг отколку во сопствената куќа. Иако ова може да изгледа како збогум, сè уште не сум завршил“, рече Аспас, кој заедно со сопругата и трите деца го гледаше шоуто со дронови организирано во негова чест.

Аспас дебитираше за Селта во 2007 година во второлигашка конкуренција, останувајќи во клубот до 2013 година, кога се пресели во Ливерпул. Се врати во Селта во јуни 2015 година. За шпанската репрезентација одигра 20 натпревари, постигнувајќи шест голови.