Јакин најави промени за дуелот со Македонија

Спротивно од Македонија, Швајцарија ги доби сите три натпревари од Лигата на нации и во моментов е лидер на табелата.
Швајцарците лесно се справија со Македонија во Скопје, па очекувањата им се дека така ќе биде и на реваншот, без разлика што Јакин вели дека мора сериозно да си ја сфатат работата.
„Тоа ќе ни биде четврти натпревар во рок од 11 денови, против Словенија беше вистинска битка со многу трчање и дуели. Дефинитивно ќе треба да одмориме неколку фудбалери, исто така и дел од останатите заслужуваат шанса да се докажат. Промени ќе има, но не сакам никакво опуштање, сериозно гледаме на дуелот со Македонија“, изјави Јакин.
Македонија на првиот меч против Швајцарија немаше ниту удар во голот на противникот. Момците на Гоце Седлоски ќе истрчаат во Луцерн со цел да го подобрат впечатокот.