Јапонија без најголемата ѕвезда на Мундобаскетот
Еден од домаќините на претстојниот Мундобаскет, Јапонија, остана без својата најголема кошаркарска ѕвезда – Руи Хачимура, кој го откажа настапот на шампионатот.
Хачимура сака да се посвети на кариерата во НБА, откако ова лето стана ограничен слободен агент.
„Тоа беше тешка одлука, но по минатата сезона и долгиот плеј-оф, решив да дадам приоритет на мојата идна кариера во НБА и да се подготвам за првпат како слободен агент. Ќе се фокусирам на тренинзите и ќе го подготвам телото за следната сезона“, изјави Хачимура.
Мундобаскетот е закажан од 25 август до 10 септември, а Јапонија е во група со Германија, Финска и Австралија.