Јапонија прва се избори за место на Мундијалот

Фудбалската репрезентација на Јапонија официјално се пласираше на Светското првенство следната година, откако ја оправда улогата на фаворит на домашен терен со победата над Бахреин со 2-0.
Уште пред денешната пресметка во Саитама се знаеше дека „Самурајите“ се блиску до седмото последователно учество на планетарниот шампионат, а сите дилеми беа решени со очекуваната победа.
Јунак на јапонскиот триумф беше првотимецот на Реал Сосиедад, Такефуса Кубо, кој најпрвин му асистираше на Даичи Камада во 66. минута за водство од 1-0, а потоа ја удвои предноста за конечен резултат на три минути до крајот на натпреварот.
На три кола пред крајот на третата фаза од азиските квалификации, Јапонија ги реши сите дилеми околу квалификациите за Светското првенство, бидејќи нема теоретски шанси да падне под второто место.
Да потсетиме дека Јапонците својот најголем успех го постигнаа со пласманот во осминафиналето на Светското првенство во четири наврати – во 2002, 2010, 2018 и 2022 година.