Јапонија ќе го откаже домаќинството на Мундијалот за клубови
Одржувањето на овогодишното Светско клупско првенство продолжува да биде неизвесно, а ФИФА досега одбиваше да ги коментира гласините дека Јапонија има намера да се откаже од одржувањето на турнирот.
„Деталите за ова натпреварување ќе ги објавиме наскоро“, велат од светската фудбалска централа.
Новинската агенција Киодо во вторникот објави дека Јапонската фудбалска федерација (ЈФА) преговара со ФИФА за преместување на турнирот поради новиот пораст на болеста ковид-19 во земјата. Така, стадионите повторно ќе останат празни и двете страни нема да заработат пари од турнирот.
Киодо тврди дека една од опциите е да се одложи шампионатот, кој треба да се одржи од 9 до 19 декември, за во 2022 година. Засега, Челзи, Окланд Сити (Нов Зеланд) и Ал Али (Египет) се сигурни учесници во ова натпреварување.