Јармоленко со два гола го спаси Динамо од пораз против Галатасарај
Во првиот натпревар од седмото коло во Лигата на Европа на УЕФА немаше победник во дуелот меѓу Галатасарај и Динамо Киев. Украинците го освоија првиот бод во групната фаза, натпреварот заврши 3-3.
Домашните двапати имаа водство од два гола, но на крајот Украинците успеаја да освојат бод.
Галатасарај поведе со 2-0 по нешто повеќе од 20 минути со головите на Дејвисон Санчез во шестата минута и Абдулкерим Бардакчи во 21. минута. Сепак, во последната минута пред паузата, гостите намалија со голот на Владислав Ванат.
Виктор Осимхен ја врати предноста од два гола на турскиот клуб во 53. минута, но ветеранот на Динамо, 35-годишниот Андриј Јармоленко постигна два гола во 68. и 81. минута.
Галатасарај е петти во поредокот на Лига Европа со 13 бода. Динамо Киев е последен со еден бод.