Јасен Петров си поднесе неотповиклива оставка по дебаклот од Грузија
По поразот на домашен терен од Грузија, падна првата селекторска „жртва“ во новото издание на Лигата на нации. Нашиот прв противник во Лига Ц, репрезентацијата на Бугарија беше убедливо поразена од Грузија со 2-5 и веднаш остана без селектор.
Јасен Петров веднаш по натпреварот си поднесе неотповиклива оставка, а ја соопшти на официјалната прес-конференција по натпреварот во Разград.
„Благодарност до навивачите и големо извинување, бидејќи не го заслужија ова понижување. Немам морално право да останам и ја преземам целата одговорност за овој срам. Ќе дојде друг тренер, кој подобро ќе ги мотивира репрезентативците за следните натпревари“, рече Петров.
Бугарија сега ја очекува гостување кај Гибралтар, а потоа ќе играат во Тбилиси кај Грузија со што ќе го финишираат овој јунски дел од Лигата на нации.