Ја одби Германија за да заигра за австрискиот национален тим
Германската фудбалска репрезентација веројатно ќе остане без услугите на еден од најталентираните фудбалери во земјата, бидејќи тој размислува да прифати повик од земјата во која е роден.
Се работи за големиот талент на Баерн Минхен, 18-годишниот Паул Ванер, кој сезонава игра одлично на заем во редовите на Хајденхајм, а кој бил во плановите на селекторот Јулијан Нагелсман.
Нагелсман решил да му испрати прв повик на Ванер за претстојните натпревари во Лигата на нации, но фудбалерот ја шокирал федерацијата со повратна информација дека не ја прифаќа поканата за настап во националниот тим.
Медиумите шпекулираат дека Ванер сака да настапува за Австрија, но барем засега никој не може да потврди какви се плановите на фудбалерот кој се очекува да има важно место во редовите на Баерн наредните години.
Фудбалерот засега дипломатски го одложува решението со инсистирање да остане дел од У-21 репрезентацијата на Германија, со што си купува време за да ја соопшти конечната одлука.