Јосип Божиќ Павлетиќ е новото засилување за Еурофарм Пелистер
РК Еурофарм Пелистер од сезоната 2021/22 ќе биде посилен за хрватскиот интернационалец, Јосип Божиќ Павлетиќ. Десното крило на хрватската репрезентација и сезонава член на Гепингем потпиша договор на една сезона, со опција за уште една со битолскиот суперлигаш. Јосип Божиќ Павлетиќ е роден во Сплит на шести август 1994 година. Дел од познатата хрватска ракометна школа, а име градеше носејќи го дресот на Нексе Нашице. Во 2017 година премина во ППД Загреб и неколку сезони по ред освојуваше титули од шампионатот и Купот на Хрватска. Во јануари годинава се пресели во Бундеслигата и успешно настапуваше за Гепингем, клубот од кој Јосип Периќ минатото лето дојде во Битола. Неговото доаѓање во Битола е голем чекор за клубот и уште едно репрезентативно име во ростерот на Жељко Бабиќ. Божиќ Павлетиќ е четврти хрватски интернационалец во ростерот за следната сезона на Еурофарм Пелистер по Мандалиниќ, Кушан и Мараш. Тој претставува четврто засилување за битолскиот клуб за сезоната 2021/22 по Кизиќ, Обрадовиќ и Табоада. Официјалното претставување на Божиќ Павлетиќ е закажано за почетокот на подготовките за следната сезона.