Јуве водечки во исплатата на провизии во Серија А

Екипите од Серија А платиле вкупно 205,7 милиони евра провизии на фудбалски агенти за цела 2022 година, според извештајот објавен од Италијанската фудбалска федерација.

Сумата е рекордна во овој поглед, бидејќи претходното врвно достигнување за италијанската елита беше во 2019 година – 187 милиони евра. Во 2020 година, како резултат на пандемијата на коронавирус, провизиите паднаа на 138 милиони евра, а една година подоцна износот изнесуваше 173 милиони евра. За минатата година убедлив лидер по исплатените пари на фудбалски агенти меѓу калчо тимовите беше Јувентус со 51,3 милиони евра. Најверојатно главен придонес за ова имаат трансферите на Пол Погба и Анхел Ди Марија како слободни играчи. На второ место е Рома со 21,1 милиони евра, а минатото лето тие потпишаа со слободни агенти како Паоло Дибала, Немања Матиќ и Андреа Белоти.

Топ 3 ја комплетира Интер од каде платиле 20,6 милиони евра. Само овие три клуба поделија 93 милиони евра платени провизии или 45% од вкупната сума од 205,7 милиони евра. Четврта на ова рангирање е Фиорентина со 13,6 милиони евра. Лидерот во Серија А, Наполи е петти со 12,5 милиони евра, додека актуелниот шампион Милан е шести со 12 милиони евра. На дното на рангирањето се два дебитанти – Кремонезе со 2,8 милиони евра и Лече со 2,4 милиони евра, како и Торино чија уплатена сума од 2 милиони евра е најмала во Калчо лигата.