Јуве и Рома со рутински победи на првите гостувања во 2026 година

По ремито со Лече во претходното коло, Јувентус вечерва се врати на победничките патеки, славејќи убедливо со 0-3 на гостувањето кај Сасуоло.
„Старата дама“ не прикажа спектакуларна игра, но за разлика од минатиот натпревар, овојпат беше далеку поефикасна во завршницата.
Јувентус поведе во 16. минута, а во погодокот имаше и доза на среќа. По нафрлувањето на Калулу, дефанзивецот Мухаремовиќ несреќно ја погоди сопствената мрежа.
Тоа беше единствениот гол во првиот дел, а во продолжението гостите експресно го решија прашањето околу победникот. Во рок од само една минута, Јувентус постигна уште два погодоци, најпрво Мирети се запиша во листата на стрелци во 62. минута, а веднаш потоа Дејвид ги постави конечните 0-3.
Претходно денеска победа забележа и Рома која е во борба за четвртата позиција со Јувентус. „Волчицата“ го совлада Лече со 0-2.