Јуве ја одреди цената за Душан Влаховиќ

Јувентус е подготвен да се раздели со српскиот напаѓач Душан Влаховиќ, за кого ја одредиле почетната цена од 40 милиони евра, но како што пренесуваат италијанските медиуми, „старата дама“ е подготвена и за преговори околу сумата.
Причината за потенцијалната продажба е стратегијата на клубот да собере средства за ангажман на данскиот репрезентативец Расмус Хојлунд, кој настапува за Манчестер јунајтед. Според информациите, Јувентус веќе воспоставил контакт со претставниците на Хојлунд, кој сезонава одигра 47 натпревари за „црвените ѓаволи“, постигнувајќи девет погодоци и четири асистенции.
Влаховиќ, чиј договор истекува на крајот на следната сезона, веќе го известил клубот дека нема намера да ја продолжи соработката, што ја принудува управата да го продаде уште летово, со цел да не останат без компензација следната година.
Покрај Влаховиќ, се очекува и заминување на Бразилецот Даглас Луис, кој ретко добиваше шанса и јавно го изрази своето незадоволство од минутажата. Неизвесна останува и ситуацијата со Рандал Коло Муани, кој е на позајмица и можно е да се врати во редовите на Пари Сен Жермен.
Јувентус планира целосна реконструкција на напаѓачкиот дел од тимот, при што Хојлунд е замислен како носител на новиот проект во Торино.