Јужна Америка сака Светско првенство со 64 селекции

Претседателот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), Алехандро Домингез денеска предложи Светското првенство во 2030 година да се прошири на 64 репрезентации.

Предлогот првпат беше претставен минатиот месец од делегат од Уругвај, за време на онлајн состанокот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

„Уверени сме дека прославата на стогодишнината ќе биде единствена, бидејќи 100 години се слават само еднаш“, рече Домингез за време на неговиот говор на отворањето на 80-тиот редовен конгрес на КОНМЕБОЛ.

Светското првенство во 2030 година ќе го организираат шест земји на три континенти.

Уругвај беше првиот домаќин во 1930 година и ќе организира еден натпревар, а домаќини ќе бидат и Парагвај, Аргентина, Шпанија, Португалија и Мароко.

„Затоа предлагаме да ја одбележиме оваа годишнина со 64 екипи, истовремено на три континенти“, додаде Домингез.

На Светското првенство во Катар во 2022 година настапија 32 селекции, а на претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада следното лето ќе играат 48 репрезентации.

Со евентуалното проширување на форматот на 64 тимови, сите 10 членки на КОНМЕБОЛ ќе се квалификуваат за турнирот. Само Венецуела никогаш не се пласирала на Светското првенство.

„Ова ќе им овозможи на сите земји да имаат можност да го искусат СП и никој на планетата нема да биде изоставен од забавата“, рече Домингез.

Доколку ФИФА го одобри предлогот, на турнирот ќе се одиграат 128 натпревари.

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА) Александар Чеферин изјави дека Светското првенство со 64 репрезентации е лоша идеја.

Критичарите на форматот со 64 тима тврдат дека тоа ќе го ослаби квалитетот на играта и квалификациската програма на повеќето континенти.