Јунајтед во големи проблеми бара први бодови во ЛШ

Манчестер Јунајтед неколку недели нема да може да смета на капитенот Хари Мегваер, изјави тренерот на клубот, Оле Гунар Солскјер.

Тој откри дека Мегваер во лигашкиот пораз од Астон Вила го повреди листот на ногата и сигурно ќе го пропушти дуелот со Виљареал во второто коло од Лигата на шампионите.

Лук Шо е под знак прашалник за истиот натпревар, во кој екипата од Олд Трафорд ќе ги бара првите бодови во европското клупско натпреварување, откако беа поразени од Јанг Бојс во првото коло. 

„Се чини дека Хари е сигурно надвор. Лук можеби ќе добие шанса, но не тренираше на последниот тренинг. Можеби најдобро сценарио ќе биде да започне на клупата за резервни играчи. Хари, повеќе или помалку, е надвор и не изгледа добро. Ќе трае неколку недели. Ван Бисака е суспендиран, така што ќе мораме да направиме неколку измени.“ – вели Солскјер.

Јунајтед за викендот во Премиерлигата игра против Евертон, а Мегваер ќе го пропушти и тој натпревар. Потоа ќе ги пропушти и натпреварите на англиската репрезентација, а се надеваат дека ќе биде подготвен за Лестер на 16. октомври.