Љафтов како вицешампион се одјави од Унгарија

Македонскиот репрезентативец Александар Љафтов и неговиот клуб Елоре, како вицешампиони на Унгарија ја затвораат сезоната 2025/2026. Во финалето на плејофот, тие го претрпеа и третиот пораз од 0-3 (19-25, 13-25, 20-25) од Фино Капошвар и со 1-3 во серијата останаа без шампионскиот пехар.

Љафтов и неговите соиграчи се бореа за продолжување на серијата и за „мајсторка“, но противникот беше решен пред својата публика да ја прослави титулата.

Македонскиот репрезентативец беше стартер и го одигра целиот натпревар постигнувајќи шест поени (пет од напад и еден од сервис) и беше меѓу најефикасните во редовите на Елоре.

Љафтов од Унгарија сезонава се одјавува како вицешампион и финалист од Купот, но со Елоре славеше титула во средноевропската МЕВЗА лига.

Интернационалецот доби неколку дена слободни за да се одмори по напорната сезона и на 20 мај треба да се стави на располагање на селекторот Јошко Миленкоски за настапот во националниот тим во Европската лига.