Џеко одбива да си замине од Интер
Напаѓачот на Интер, Един Џеко, одбил понуди од три клуба, тврди новинарот Николо Шира. Репрезентативецот на Босна и Херцеговина е категоричен во намерата да остане кај „Нероаѕурите“, иако е свесен дека по враќањето на Ромелу Лукаку ќе игра поретко.
Се верува дека една од понудите до Џеко била од Борусија (Дортмунд). Жолто-црните бараат нов напаѓач откако на Себастиен Алер му беше дијагностициран тумор на тестисите и се лекува.
36-годишниот Џеко минатото лето се пресели во Интер, а претходно беше во Рома. Босанецот одигра вкупно 49 натпревари во сите натпреварувања и постигна 17 гола, на кои додаде и 10 асистенции.
Тренерот на Интер, Симоне Инзаги е воодушевен од амбициите на Џеко и ќе се потпре на неговото искуство и голгетерскиот талент за време на напорната сезона во која Интер ќе бара да ја врати титулата во Серија А.