Џенкинс: Пелистер ме доведе за вакви мечеви, можеме до триумф и во Скопје

Бренден Џенкинс го одигра својот најдобар меч за Пелистер кога беше најважно, носејќи го битолскиот суперлигаш до триумф над МЗТ Скопје за израмнување на 1-1 во полуфиналната серија од плејофот.
Американецот беше незапирлив, реализираше 31 поен и даде огромен придонес за Пелистер да се избори за мајсторка.
„Знаевме дека тој меч е „да се биде или не“ за нас, затоа и немавме никаков сомнеж, излеговме на терен и дадовме се од себе. Свесен бев дека ќе биде тешко, но одлично се подготвивме. Јас сум секогаш смирен, знам дека Пелистер ме донесе во јануари токму за вакви натпревари, дадов свој придонес, одиграв добар натпревар и среќен сум поради тоа“, вели Џенкинс.
Нема сомнеж, победата во Битола ја крева и самодовербата во пресрет на утрешната мајсторка во Скопје (19:00 часот, СЦ „Јане Сандански“).
„Подготвени сме, знаеме колкав е влогот, но подготвени сме за борба. Ако одигравме 40 минути како оние во Битола, ако успееме да го наметнеме нашиот стил на игра, верувам дека ќе славиме и ќе играме финале. Го победивме еднаш МЗТ во Скопје пред нецел месец, можеме истото да го повториме и на утрешниот решавачки меч“, оптимист е Американецот во редовите на Пелистер. Види помалку