Џенкинс: Се гледа дека Пелистер е организиран клуб, едвај чекам да почнам да играм

Екипата на Пелистер максимално подготвена го дочекува стартот на вториот дел од сезоната почнувајќи од утрешниот дуел со Работнички (19 часот, сала „Боро Чурлевски“ во Битола). Овој дуел воедно ќе биде и деби во зелено-белиот дрес за Брендан Џенкинс, американскиот поентер кој треба да биде еден од главните играчи во тимот предводен од тренерот Даскаловски.
Џенкинс, кој имаше серија одлични настапи во АБА1 лигата ланската сезона, веќе цела седмица тренира со „пелистерци“ и со нетрпение го очекува своето деби за клубот.
„Можам да кажам дека сум одлично примен во Битола и во самиот клуб. Храната овде е одлична, ме радува и што дочекав снег, знаете јас сум од Чикаго, па целата ситуација со снегот ме потсети малку на дома. Среќен сум што сум овде, веднаш се гледа дека Пелистер е клуб што е организиран на највисоко ниво, Добро сум примен од соиграчите, трениравме напорно во последните денови за да бидеме подготвени за она што не очекува. Тренерите и останатите кошаркари ми помагаат, ми објаснуваат што ќе се очекува од мене и верувам дека ќе одговорам на нивните барања“, истакна Џенкинс.
Новото засилување на Пелистер истовремено ги повика навивачите да дојдат во што поголем број за утрешното дерби со Работнички.
„Првиот меч во новата година го играме дома во Битола. Се надевам дека што повеќе луѓе ќе дојдат и ќе ни дадат поддршка. Потребно ни е такво нешто, верувам дека ќе биде забавно и ќе возвратиме со добра игра и со победа“, порачува американскиот поентер во таборот на Пелистер.
Во првиот дел од шампионатот пелистерци убедливо го совладаа Работнички среде Скопје.