Џејлен Браун заврши во Филаделфија

Бостон Селтикс и Филаделфија ја договорија најголемата размена на кошаркари во летниот преоден рок.
Како што објави „ESPN“, повикувајќи се на свои извори, Џејлен Браун ќе ја продолжи кариерата во Филаделфија, додека Пол Џорџ ќе се пресели во Бостон. Покрај Џорџ, Селтикс ќе добијат и два пика од првата рунда, како и два пика од втората рунда на драфтот на НБА.
Филаделфија со оваа размена јасно стави до знаење дека сака веднаш да се бори за титулата. Со доаѓањето на Браун, тимот добива елитен играч, кој заедно со Џоел Ембид и Тајрис Макси треба да формира една од најубиствените тројки во лигата.
Браун ја има најдобрата сезона во својата кариера, во која имаше просек од 28,7 поени, 6,9 скока и 5,1 асистенции во 71 натпревар, шутирајќи 47,7 проценти од поле. Тој беше избран во втората најдобра петорка во НБА и ја заврши сезоната на шестото место во гласањето за најкорисен играч.
Во плејофот, тој имаше просек од 25,7 поени по натпревар и уште еднаш потврди дека припаѓа на самиот врв во лигата.
Бостон, од друга страна, очигледно влегува во реконструкција на тимот. Покрај искусниот Џорџ, Селтикс обезбедија и вреден пакет идни избори, што им остава простор за дополнителни засилувања или нови размени во наредниот период.
Размената сè уште чека официјална потврда од НБА, но според американските медиуми, постигнат е договор меѓу двете франшизи и се очекува наскоро да биде формализиран.