Џовани Малаго нов предводник на италијанскиот фудбал

Поранешниот претседател на Италијанскиот олимписки комитет, Џовани Малаго, со мнозинство е избран за нов претседател на федерацијата, наследувајќи го Габриеле Гравина. Неговите приоритети се реформa на младинскиот фудбал и враќање на репрезентацијата на големата сцена.
Поранешниот претседател на Италијанскиот олимписки комитет (КОНИ), Џовани Малаго (67), е избран за нов претседател на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ). На изборите одржани во понеделникот, тој освои 68,58% од гласовите, победувајќи го ривалот Џанкарло Абете. Малаго го наследува Габриеле Гравина, кој беше на чело од 2018 година, а поднесе оставка во април.
Еден од најголемите предизвици ќе биде враќањето на репрезентацијата на патот на успехот, откако Италија повторно не успеа да се квалификува за Светското првенство, по промашените изданија во 2018 и 2022 година. Привремено, селекторот на младинската репрезентација, Силвио Балдини, ја предводеше екипата на пријателските натпревари во јуни, но пронаоѓањето нов селектор е една од најитните задачи на Малаго.
Во италијанските медиуми, како сериозен кандидат се споменува името на Роберто Манчини, кој веќе ја водеше Национале од 2018 до 2023 година.