50. Меморијал „Чајка“ – синоним на посветеност и љубов кон одбојката

Јубилејното 50. издание на еден од најстарите и најконстантните турнири во календарот на Одбојкарската федерација на Македонија, меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“, утре, 7 октомври, ќе се одржи во салата на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово, во организација на семејството на одбојкарската легенда, Хаџииљоски, како и Одбојкарската федерација на Македонија.

Турнирот од оваа година добива и ново значење Супер куп на Македонија, кој ќе продолжи да се одржува секоја година пред почетокот на новата сезона.

Јубилејното издание беше најавено со прес-конференција во просториите на Министерството за спорт, кој е традиционално најголем поддржувач на меморијалот. На средбата со медиумите присуствуваа министерот за спорт, Борко Ристовски, претседателот на ОФМ, Петар Јовановски и потпретседателот на ОФМ и син на одбојкарската легенда, Ивица Хаџииљоски.

„На мое огромно задовлстово дојдовме до 50. јубилејно издание на турнирот. Големо задоволство за мене е што годинава турниот е во Тетово каде што изворно почна да се одржува, меѓутоа последните десетина години овој турнир беше ставен во функција на одбојкарските репрезентации на Македонија и турнирот се одржуваше на различни места. Оваа година заедно со претседателот на ОФМ, Петар Јовановски и со генералниот секретар, Филип Деспотовски договоривме, турнирот од оваа година па понатаму да биде официјално и Супер Куп на Македонија. Овој турнир што го правиме во чест на мојот покоен татко ќе биде официјално и Супер Куп на Македонија и секогаш ќе се одржува пред почетокот на сезоната. Овој турнир е со огромна традиција, на него учествувале многу репрезентации, многу клубови и се надевам дека и годинава ќе присуствуваме на квалитетни натпревари меѓу најквалитетните екипи во Македонија во машка и во женска конкуренција“, истакна синот на легендата, Ивица Хаџииљоски.

ОФМ се гордее што е една од ретките Федерации која може да се пофали со еден ваков голем јубилеј и константност на еден настан во својот календар.

„Самата импозантна бројка кажува сѐ. Турнир со голема традиција и додадена вредност во спортот. Најдобро за тоа говорат сите екипи и играчи кои во изминативе 50 години биле дел од овој турнир. На последното Европско првенство имаше тројца-четворица одбојкари кои настапувале на турнирот, а сега се едни од носителите на играта во своите репрезентации и најдобри играчи на светот, а претходно биле наградувани и на овој турнир“, рече Петар Јовановски, претседател на ОФМ.

Организаторите му доделија благодарница на министерот за спорт, Борко Ристовски за поддршката и на одбојката, но и на овој традиционален турнир.

„Особено ми е драго што последниве години имаме одлична соработка со раководството на Одбојкарската федерација на Македонија и сите оние работи што ги правиме заеднички за раздвижување на одбојката добиваат некој нов терк и одбојката повторно зема замав. Овој турнир и давањето на значење тој да биде и Супер Куп на Македонија е само уште една потврда дека Одбојкарската федерација има план заедно со семејството Хаџииљоски во интерес на одбојката и на одржување на традицијата. Педесет години да организирате ваков турнир е навистина импозантна бројка и ние како држава, како Министерство за спорт и како Влада секогаш сме тука да дадеме поддршка и да помагаме за се што можеме и да излеземе во пресрет. Вакви настани и вакви љубилеи не покажуваат само еден Супер Куп, туку покажуваат нешто многу повеќе, покажуваат посветеност на семејството, љубов кон одбојката и кон спортот. Ние како Министерство за спорт и јас лично како поранешен спортист и сега како министер за спорт знам да го ценам тоа и секогаш ќе бидам пријател на луѓето кои се вистински љубители на спортот. Утре, Тетово ќе биде градот каде што ќе се случуваат убави работи, каде што ќе се промовира одбојката и Македонија како држава во која се промовира спортот и вистинските вредности“, потенцираше министерот за спорт, Борко Ристовски.