Стоилов потпиша за клуб од Албанија

Македонскиот интернационалец Ѓорѓи Стоилов ја продолжува кариерата надвор од земјава и од денес е нов фудбалер на албанскиот прволигаш Билис.

Клубот веќе ја потврди соработката и го промовираше искусниот играч за врска како засилување за продолжението од сезоната. Стоилов доаѓа во Билис по солидна полусезона во дресот на Македонија ЃП, каде што на тринаесет настапи успеа двапати да се запише во листата на стрелци. Со своето искуство и стабилност во средниот ред, се очекува да има значајна улога во новата средина.

Во текот на кариерата, 30 годишниот фудбалер има настапувано за повеќе клубови, меѓу кои се Шкупи, азербејџанската Зира, Брера Струмица и Турново, што дополнително ја потврдува неговата зрелост и адаптибилност.

Билис во моментов се наоѓа на осмата позиција на табелата со 20 бодови и го очекува тешка борба за опстанок во елитата.