Мармуш го „запали“ Етихад: Сити преку Њукасл до финале на Вембли

Играчите на Манчестер Сити слават гол

Иако Ерлинг Халанд остана на клупата, Омар Мармуш ја презеде главната улога на Етихад против Њукасл. На египетскиот напаѓач му беа потребни само седум минути за да го отвори резултатот, користејќи ја среќната околност кога неговиот центаршут се одби од Дан Бурн и го прелета немоќниот Арон Рамсдејл.

Притисокот на Манчестер Сити беше немилосрден. Веќе во 29-тата минута, Мармуш го дуплираше својот учинок и водството на домаќините, откако највисоко скокна по центаршутот кој следеше по паничната реакција на Киеран Трипие. Тактичката замисла на Гвардиола со тандемот Мармуш–Семењо се покажа како нерешлива енигма за одбраната на „Страчките“.

Прашањето на победникот беше дефинитивно решено само три минути подоцна. Тијани Рајндерс, моторот во средниот ред на Сити, се најде на вистинското место по уште една грешка на гостите и рутински погоди за 3-0. Њукасл замина на пауза со вкупна негатива од 5-0 во двомечот, што изгледаше како невозможна мисија за пресврт.

Сепак, избраниците на Еди Хау не се предадоа без борба. Во вториот дел, Ентони Еланга внесе трошка надеж по одличниот соло-продор во 62-рата минута, намалувајќи на 3-1. Гостите за момент помислија дека можат до вистинска драма кога Харви Барнс ја затресе мрежата, но голот беше поништен поради офсајд. И покрај неколкуте клучни одбрани на резервниот голман Џејмс Трафорд, планинскиот врв беше превисок.

Последниот свиреж на судијата го потврди десеттото јубилејно финале на Манчестер Сити во Лига купот. Сепак, радоста на Гардиола беше делумно засенета од кадровски проблеми: менаџерот изрази незадоволство што новото засилување Марк Гехи нема право на настап во финалето поради строгите правила на натпреварувањето.

Овој резултат закажа пресметка меѓу „ученикот и менторот“ на култниот стадион во Лондон. Манчестер Сити ќе ги одмери силите со Арсенал на 22-ри март, што е реприза на финалето од 2018 година. Со оглед на тоа што „Топчиите“ моментално се лидери во Премиер лигата, нè очекува вистинска војна за првиот англиски трофеј на сезоната.