Чеферин потврди дека Суперлигата повеќе не постои

Во Брисел, пред ждрепката за Лигата на нации, овој четврток се одржа Конгресот на УЕФА, каде што претседателот Александар Чеферин ја одржа својата презентација.

Најважната порака што ја испрати од говорницата е дека Суперлигата на Европа е официјално поразена.

Во среда, УЕФА постигна договор со Реал Мадрид, а претходно и Барселона се повлече од проектот, ставајќи крај на обидот за формирање паралелно елитно натпреварување.

„Воодушевен сум затоа што Барселона и Реал Мадрид се вратија во нашето семејство. Вистина е дека сите бевме уморни од сè, но УЕФА никогаш не ја изгуби меѓусебната почит со Флорентино Перез, иако имавме различни мислења. Единствениот победник мора да биде фудбалот. Му се заблагодарувам и на Насер Ал Келаифи, кој беше клучен за нашето повторно обединување“, рече Чеферин.

Претседателот на УЕФА ја искористи можноста да испрати силни пораки надвор од самата Суперлига.

„Федерациите стануваат заложници на политиката. Во Европа, нема да прифатиме фудбалот да служи како оружје. Денес, единството се соочува со големи предизвици“, рече Чеферин.

Тој ја отфрли тезата дека фудбалот мора радикално да се промени за да ја привлече помладата генерација.

„Некои велат дека фудбалот мора да се промени за да преживее меѓу младите, но грешат. Младите не му го свртеле грбот на фудбалот, тие сè уште ги полнат стадионите. Во светот на екраните и вештачката интелигенција, ниту еден алгоритам или бот не може да го замени чувството за тоа што се случува на теренот. Фудбалот е реален и затоа неговата иднина е светла“, нагласи првиот човек на УЕФА.