Шкендија од негатива до убедлива победа во Кавадарци

Екипата на Шкендија ја продолжи победничката серија во пролетниот дел од сезоната, откако денеска во првиот меч од 18. коло во ПМФЛ, ја совлада екипата на Тиквеш во Кавадарци со убедливи 1-4. Тетовскиот тим мораше да стигнува и негатива, и на крај да дојде до висока победа, најавувајќи дека во пролетниот дел има намера да се бори за одбрана на шампионската титула.
Тиквеш во 24. минута имаше предност по една одлична акција, а во завршницата Најдовски асистираше до Стојкоски, кој одлично се снајде на 9-10 метри, и го матираше Гаје. Пред самиот крај на полувремето, израмнувачки погодок на Шкендија. Од левата страна Ибраими ја собра топката одбиена од голманот Тасев, нафрли до Тамба кој со глава ја затресе мрежата на домашните.
На самиот старт од вториот дел, поточно во 48. минута Шкендија поведе. Ибраими нафрли од корнер, а Мелиќи највисок во скокот на вториот дирек го совлада Тасев.
Во 66. минута од мечот веќе е 1-3 за гостите од Тетово. Акцијата почна од десната страна, па се префрли на левата, од каде Љатифи ја упати во казнетиот простор, Ибраими итро ја остави до Зејнулаи, кој од прва ја погоди целта.
Веќе кога речиси се беше јасно, печат на триумфот стави новото засилување на Шкендија. Ндзенгуе. Откако доби топка од Тамба, излезе сам пред Тасев и ја упати топката прецизно во голот за конечни 1-4.