Магијата се враќа на Камп Ноу: Педри ја започна последната фаза од закрепнувањето

Играчот на Барселона, Педри

Тренинг центарот на Барселона денеска конечно здивна. Препознатливата фигура на Педри повторно се појави на тревната површина, означувајќи го почетокот на последната фаза од неговото закрепнување. По повредата на тетивата на десната нога, добиена кон крајот на јануарие, 23-годишниот играч го одработи првиот дел од групниот тренинг. Неговото враќање во официјален натпревар повеќе не е прашање на желба, туку на денови.

Иако појавувањето на Педри е огромен психолошки поттик за тимот, Ханси Флик и медицинскиот тим на Барселона остануваат на ставот дека безбедноста е приоритет. Како што пренесуваат шпански извори, стручниот штаб подготви прецизен план за постепено оптоварување, со цел да се избегнат честите обнови на повредите кои го следеа во минатото. Планот предвидува младиот Каталонец да добие симболична минутажа на неделниот натпревар против Леванте, за да биде во полна кондиција за реваншот од полуфиналето во Купот на Кралот против Атлетико Мадрид.

Отсуството на Педри беше повеќе од видливо во играта на Каталонците. И покрај солидните партии на Дани Олмо и подемот на младиот Марк Бернал, на Барса и недостигаше карактеристичната контрола врз темпото и тактичката смиреност, што резултираше со неочекувани киксови во битни натпревари. Флик често го опишува Педри како „диригент на оркестарот“: играч кој ги пронаоѓа просторите што другите не ги гледаат. Со влегувањето во клучниот дел од сезоната, неговото враќање е последното парче од сложувалката во борбата за амбициите на Барса.