Кикс на Етихад: Арсенал трие раце по ремито на Сити и Форест

Во трката за трофејот каде што секој милиметар е пресуден, Манчестер Сити доживеа неочекуван удар оваа вчеравечер. Иако избраниците на Пеп Гвардиола доминираа на теренот, жилавиот Нотингам Форест успеа да извлече реми (2-2), оставајќи ги актуелните шампиони на седум бода заостанување зад лидерот Арсенал. Овој кикс фрла сериозна сенка врз нивната амбиција за враќање.
Натпреварот започна во препознатлив ритам: со целосен посед на Сити и обиди да се пробие густиот дефанзивен блок на Витор Переира. Иако гостите се заканија преку Гибс-Вајт, домашните први зададоа удар во 31. минута. Антоан Семењо, јануарското засилување кое веќе ги оправдува вложените средства, по нафрлувањето на Рајан Черки со атрактивен волеј го совлада Матс Селс. Во тие моменти се чинеше дека Сити рутински ќе стигне до трите бода, особено со Ерлинг Халанд кој се врати во стартниот состав по повредата.
Сликата на теренот драстично се промени по паузата. Спротивно на текот на играта, Форест израмни во 56. минута кога Гибс-Вајт мајсторски ја искористи асистенцијата на Игор Жесус. Етихад за момент замолкна, но Родри брзо ја врати еуфоријата по само шест минути, погодувајќи со глава по корнерот на Аит-Нури. Сепак, „Шумарите“ не се предадоа. Во 76. минута, Елиот Андерсон, подоцна прогласен за играч на натпреваро, испрати вистински проектил од работ на шеснаесетникот кој го совлада Донарума.
Последните десет минути беа исполнети со контроверзи и тензија. Домашните фудбалери бурно реагираа кај судијата Дарен Ингланд, барајќи пенал во две ситуации: прво по дуелот меѓу Халанд и Селс, а потоа и за старт врз Родри, но свирчето остана немo. Кулминацијата се случи во 100-тата минута кога Мурило со фасцинантна интервенција на самата гол-линија го спречи ударот на Савињо. По последниот свиреж, емоциите беа поделени: Форест прослави голем бод во борбата за опстанок, додека ѕвездите на Сити го напуштија теренот свесни дека судбината за титулата станува се помрачна.