Шкендија го освои Ѓорче Петров и се израмни со Вардар на врвот

Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров одиграа рамноправно прво полувреме со фаворитот Шкендија, но не успеаја да постигнат гол во сериозните шанси што успеаја да ги создадат во средината на првиот дел.
По почетното испитување на силите, првата шанса за „лавовите“ дојде во 18 минута, кога по десната страна Ајдоган Огузхан успеа да бие, но беше непрецизен. Во следниот напад одбиената топка млако ја зафати Софијаноски, па Шкендија имаше можност за брзи контри на спротивната страна.
Првата шанса за гостите дојде во една сомнителна офсајд ситуација, но помошниот судија веднаш рекламираше и голот беше поништен. Во 25 минута продор и шут по десната страната, но одбиената топка дојде до Бесарт Ибраими кој беше изненаден и не успеа да ја скроти, па биеше над пречката.
До крајот на првиот дел повторно блага теренска иницијатива на домашните која резултираше со шанса од работ на шеснасетникот, а нафрлената топка со глава беше лесен плен за гостинскиот чувар на мрежата. Шкендија се избори за слободен удар од десната страна, но Јанков го скроти шутот на Спахиу.
Обата тима многу претрчаа, но Шкендија успеа да ја задржи свежината и да доминира во транзицијата за време на вториот дел. Во 53 минута, мат во два потега: одбранбениот фудбалер на Шкендија, Имран Фетаи од средина на својата половина од теренот, упати топка која ја прифати Красниќи на спротивната страна дури кај шеснаесетникот на Македонија ЃП и биеше прецизно во мрежата на Јанков, кој се чини очекуваше офсајд според реакциите на публиката. Но, голот беше верификуван и тетовчани поведоа со 0:1.
Шкендија можеше во неколку наврати да го зголеми водството, прво во 75 минута кога соло продорот по десната страна резултираше со корнер по интервенцијата на Јанков. По изведениот удар од Зејнулаи, на спротивната страна Рамадани успеа да ја протне топката кај пеналтикот, но немаше кој да го казни киксот на одбраната на скопскиот тим. Во два наврати брзи контри во 84 и 89 минута на речиси идентичен начин завршија со проигрување на Н`Зенге, но во двата случаи Јанков одлично интервенираше. Во продолжението, свои шанси имаше и Фабрис Тамба, но се посрамоти со лоша реакции.
Домашните паднаа со играта, иако имаа посед на топката и се обидуваа да создадат шанси, но едноставно не успеваа да организираат акција која ќе го загрози голот на Бабоукар. Со овие три бода Шкендија се изедначи со Вардар и двата тима сега имаат по 58 бода на врвот од табелата. Македонија ЃП останува на 23 бода, еден повеќе од Пелистер и Работнички кои бараат спас од дното на табелата.