Зајков: Психолошката реакција ќе биде клучна против Ирска

Македонската репрезентација продолжува со подготовките за следниот предизвик, гостувањето кај Република Ирска на 31 март во Даблин. По поразот од Данска, фокусот во националниот тим е насочен кон анализа на противникот и подобрување на формата пред новиот дуел.

Дефанзивецот Ѓоко Зајков потенцира дека тимот извлекол поуки од претходниот натпревар и дека клучот ќе биде во менталната стабилност во текот на целиот меч.

„Данска е навистина квалитетен противник. Се боревме добро во првото полувреме и се обидовме да затвориме на сите позиции. За жал, во второто полувреме дојде до пад на концентрацијата и примивме гол.

По направената анализа, јасно е дека имаше неочекуван пад по првиот примен гол. Тоа е сегмент на кој мора да работиме, кога ќе примиме гол, да не паѓаме како екипа, туку да се издигнеме и да реагираме подобро.

Сега сме целосно фокусирани на Ирска. Не постојат пријателски натпревари, секој меч го играме на победа. Сакаме да се надигруваме со секого и да покажеме квалитет, како што сме знаеле и претходно.

Многу е важно и од психолошки аспект да одговориме по поразот од Данска. Со добар резултат можеме побрзо да го оставиме тој натпревар зад нас и да изгледаме подобро во следните предизвици и квалификации”.