Омерагиќ: Репрезентацијата не е само резултати, иако се важни, има поголеми вредности

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ се огласи по мартовскиот репрезентативен прозорец во кој нашата репрезентација беше елиминирана во полуфиналето на баражот за пласман Светското првенство по поразот од Данска во Копенхаген.
Првиот човек на ФФМ нагласи дека репрезентацијата не е само резултати, па иако се важни, има поголеми вредности.
„Едно поглавје останува зад нас, сега сме пред нов предизвик.
Македонската репрезентација не е само резултат. Тоа е чувство, припадност и гордост. Затоа, кога победуваме, да останеме приземни, а кога губиме, да останеме силни. Вредноста на оваа репрезентација не смее да зависи од еден резултат. Ова е наше. И кога победуваме и кога губиме. Поддршката не е аплауз само за победа, туку карактер во пораз.
Ние, како федерација создаваме услови во кои селекторот и фудбалерите имаат фокус да работат. Ќе направиме сè што треба, за тие да мислат само на играта, а ние на нив.
Останува најважното, да бидеме заедно. Затоа што ова не е само тим. Ова сме ние“, напиша Омерагиќ.