Македонија без Ѓорческа и Стоилковска на дуелите од Били Џин Кинг Купот

Женската тениска репрезентација на Македонија отпатува за Бања Лука каде од 6 до 11 април ќе настапува во рамки на Втората Евро-африканска зона од Били Џин Кинг купот. Оваа година во оваа зона се десет репрезентации, но системот на натпреварување е променет.
„Годинашново издание е со десет репрезентации (7 од Европа, 3 од Африка). Ние ќе настапиме со подмладен состав. Ќе настапиме со: Сара Митевска, Ана Митевска, Јана Божиновска и Зара Зафировска. Мечевите треба да се играат на отворено и на земјена подлога. Имавме добри подготовки, а девојките добро тренираа и пред сè имаме добра атмосфера. Ние сме најмлада репрезентации и во секој меч противничките ќе бидат фаворитки, но ќе се бориме и ќе се обидеме да направиме изненадување“, изјави селекторот Кристијан Вангелов.
За отсуството на Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска, кои неколку години го предводеа нашиот тим селекторот Вангелов истакна:
„Ѓорческа беше пријавена за настап, но за жал поради повреда мораше да направи промена во календарот на настапи и реши да не настапи за репрезентацијата, додека Стоилковска не настапува и веста е убава, но таа ќе ја сподели во следниот период“.