Финишот во Гевгелија повторно кобен за Пелистер

Кошаркарите на Пелистер претрпе пораз во последното коло од Супер-лигата, губејќи на гостувањето против Кожув со резултат 89-82. Слично како и на претходните две средби, повторно пресудна беше слабата четврта четвртина во која „пелистерци“ им дозволија на домаќините да направат целосен пресврт. Битолчани имаа „плус 19“ во третиот период, но и тоа беше недоволно за да се стигне до триумф на овој натпревар.
Првите поени за Пелистер на натпреварот ги постигна Андреј Митревски, намалувајќи во втората минута на 4-2 за Кожув. Домаќините имаа 7-2, потоа и 9-4, но Пелистер го сврте резултатот во своја полза и по петте поени во низа на Брејси Дејвис за првпат поведе на натпреварот (11-13). До крајот на првата четвртина се играше израмнето, но битолчани сепак го завршија овој дел од мечот со предност од 26-28, по тројката на Лука Стојановски и поените на Ленгстон Вилсон.
Кожув израмни на 28-28 на самиот старт од втората четвртина, но веднаш потоа следеа десет поени во низа на Пелистер (осум од нив дело на Малешевиќ). Удобното водство беше одржувано до крајот на полувремето, па „пелистерци“ на одмор заминаа со двоцифрени 40-51.
„Зелено-белите“ продолжија да доминираат и во третиот период, по поените на Митревски и на Малешевиќ поведувајќи со 44-59. „Пелистерци“ беа максимално расположени, продолжија да доминираат на теренот во Гевгелија, па по поените на Митревски за 46-63 домашниот тренер беше принуден да побара уште еден тајмаут. „Зелено-белите“ имаа максимални 19 поени поени (46-65), но домаќините до крајот на четвртината ја намалија огромната негатива и во последните десет минути се влезе со 53-67.
Противникот подобро ја почна четвртата четвртина, за две минути намали на 60-67, по што тренерот Даскаловски беше принуден да побара тајмаут. Брејси Дејвис ја заврши мини-серијата на домашниот тим, Вилсон ја врати двоцифрената позитива на 60-71, но следеше нова серија на Кожув и намалување на 68-71, за нов тајмаут на Даскаловски. Следеше нова тројка на домаќините, овојпат преку Зетов, за израмнување на 71-71, а серијата на Кожув продолжи за водство на домашниот состав од 75-71 на три минути до крајот. Стајиќ возврати со четири поени со кои го врати Пелистер во живот, а по двете слободни фрлања на Брејси Дејвис битолчани намалија на 80-79 на 65 секунди до крајот. Домаќинтие сепак умешно ја задржаа предноста до крајот, со мирна рака од линијата за слободни фрлања стигнувајќи до триумф изразен со конечните 89-82.
Брејси Дејвис беше прв стрелец на „пелистерци“ со 28 поени, а двоцифрен ефект имаа уште и Малешевиќ со 14 и Стајиќ со 11 поени.
Пелистер без оглед на овој пораз ја заврши Супер-лигата на третото место и во првото коло од доигрувањето ќе го пречека тимот на Маџари.