Марсеј падна во Монако: Трката за Лигата на шампионите во Франција станува пеколна

Играч на Марсеј и играч на Монако се борат за топката

Во дербито на колото на стадионот Луј Втори, Монако повторно ја потврди својата извонредна форма и со триумф од 2:1 над директниот ривал Олимпик Марсеј направи голем чекор кон елитното европско друштво. Со овој успех, „Кнезовите“ се израмнија со денешниот противник на табелата (49 бода) и сега заостануваат само еден бод зад Лил, кој ја држи последната позиција што води директно во Лигата на шампионите.

Иако легендарниот Јусеин Болт го означи почетокот на вечерта со своето присуство на теренот, почетното темпо на играта беше далеку од спринтерско. Првото полувреме помина во знак на претпазливост и тактичко надигрување. Магнес Аклиуш прв се закани со атрактивен акробатски обид, но вистинските херои во овој дел беа голманите. Лукас Храдецки со неколку клучни интервенции ги спречи обидите на Траоре и Паишао, додека на спротивната страна Џеронимо Рули навремено интервенираше пред Аклиуш по долгото додавање на Керер.

Монако заигра со поголема енергија по паузата, што вроди со плод во 59-тата минута. По прецизниот центаршут на Јордан Тезе, Александар Головин најдобро се снајде во шеснаесетникот и со одличен волеј ја смести топката во горниот агол. Марсеј се обиде да се врати преку капитенот Хојбјерг и Квинтен Тимбер, но Храдецки беше несовладлив.

Одлучувачкиот момент се случи во 74-тата минута кога Фоларин Балогун ја покажа својата класа. По една невнимателна реакција на Павар, американскиот напаѓач од исклучително тежок агол мајсторски го префрли Рули за удвојување на водството. Со овој погодок, Балогун стана првиот фудбалер на Монако по 2019 година кој успеал да се запише во листата на стрелци на шест последователни првенствени натпревари.

Финишот на средбата донесе неивесност откако Амин Гуири во 85-тата минута со силен продор и прецизен удар намали на 2:1. Сепак, составот на Себастијан Покоњоли го издржа притисокот и ја запиша својата седма последователна победа во Лига 1. За Марсеј, ова е разочарувачки резултат и првпат сезонава да врзат два порази по ред, со што ја компликуваат својата позиција во финишот од шампионатот.