Футсалците ја совладаа Турција во клучниот меч од квалификациите

По триумфот од 6-3 во дуелот против Турција, футсал репрезентацијата на Македонија обезеди место во главната рунда од квалификациите за учество на Светското првенство.
Македонските репрезентативци одлично го отворија натпреварот и на половина од првото полувреме имаа предност од 3-0.
Избраниците на селекторот Газменд Хисејини првиот гол го постигнаа по само 91 секунда од играта, а стрелец беше Таулант Исмаили. Во деветтата минута Тони Киревски зголеми на 2-0, а во 12-тата, Бурак Угурлу ја погоди сопствената мрежа за водство на Македонија од 3-0.
Во 18. минута Умур Агир намали на 3-1, а само две минути подоцна Марио Благоевски се запиша меѓу стрелците за предност од 4-1.
По убедливото водство следуваше опуштање во нашите редови, а тоа го искористи противникот и за само дваесетина секунди преку Бурак Угурлу постигнаа два гола и намалија на 4-3.
Но, тоа беше сигнал македонските репрезентативци повторно да заиграат на највисоко ниво што резултираше со нови два погодоци за убедлива победа.
Во 33. минута, Јакуп Рамадан зголеми на 5-3, а на минута и пол пред крајот на мечот, нов погодок на Киревски за конечни 6-3 и сигурен пласман во вториот круг од квалификациите за Светскиот куп.
Во последното коло противник ни е домаќинот на турнирот Литванија и за освојување на првото место потребен ни е најмалку нерешен резултат.
Натпреварот се игра в недела со почеток во 16:00 часот.