Дефанзивна криза на Олд Трафорд: Јунајтед без Мегваер и Мартинез против Челси

Играчот на Манчестер Јунајтед Хари Мегваер разочаран

Амбициите на Манчестер Јунајтед пред клучниот дуел на Стамфорд Бриџ претрпеа сериозен удар. Хари Мегваер ќе мора да отслужи уште еден натпревар суспензија откако Фудбалската асоцијација ја потврди казната за недолично однесување. Оваа одлука дефинитивно го вади искусниот стопер од комбинација за претстојното дерби против Челси, оставајќи го менаџерот Мајкл Карик пред „невозможна“ мисија во составувањето на одбраната.

Продолжената суспензија на Мегваер е директна последица на инцидентот по неговото исклучување против Борнмут минатиот месец. Иако првичната казна за црвениот картон веќе беше отслужена, асоцијацијата поведе дополнителна постапка поради неговата реакција кон четвртиот судија, Мет Донохју. Дисциплинската комисија процени дека „несоодветниот и навредлив јазик“ на дефанзивецот заслужува дополнителен натпревар пауза и парична казна. За тимот на Јунајтед, кој веќе се бори со дефанзивна нестабилност, отсуството на Мегваер во вака важен меч е огромен хендикеп.

Фрустрацијата кај „Црвените ѓаволи“ е уште поголема поради неизвесната ситуација со Лисандро Мартинез. Аргентинецот доби директен црвен картон на дуелот против Лидс поради влечење на косата на Доминик Калверт-Луин. Иако клубот поднесе официјална жалба за поништување на казната, првичните најави се песимистички. Извори од клубот велат дека е „малку веројатно“ жалбата да биде прифатена, што значи дека Јунајтед речиси сигурно ќе патува за Лондон без два од своите дефанзивци.

Ваквиот развој на настаните го става Карик во незавидна позиција пред дуелот со Челси, тим кој е повеќе од подготвен да го казни секој пропуст во последната линија. Јунајтед сега е принуден да настапува со ослабена одбрана во период кога секој бод е клучен за пласман во Лигата на шампионите. Останува да се види дали „Црвентие ѓаволи“ ќе најдат начин да го стабилизираат бродот кој сериозно се ниша поради недисциплина и кадровски проблеми.