Инфантино убеден дека Иран ќе игра на Мундијалот

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино порача дека Иран „сигурно“ ќе учествува на Светското првенство, и покрај војната со Соединетите Американски Држави.
Говорејќи на форумот „Инвестирај во Америка“ на „ЦНБАС“, Инфантино нагласи дека е важно Иран да биде дел од Мундијалот, иако учеството на оваа селекција беше доведено во прашање откако САД и Израел започнаа воздушни напади врз оваа земја.
„Иранската репрезентација сигурно доаѓа, да“, изјави Инфантино.
„Се надеваме дека до тогаш, секако, ситуацијата ќе биде мирна. Како што реков, тоа сигурно би помогнало. Но, Иран мора да дојде. Се разбира, тие го претставуваат својот народ. Се пласираа. Играчите сакаат да играат.“
Инфантино пред две недели во Анталија се сретна со репрезентацијата на Иран, а во средата изјави дека останал импресиониран од тоа што го видел.
„Отидов да ги видам. Всушност се прилично добар тим и навистина сакаат да играат и треба да играат. Спортот сега треба да биде надвор од политиката“, додаде првиот човек на ФИФА.
Истовремено, тој призна дека раздвојувањето на спортот и политиката не е секогаш возможно.