Работнички со важен триумф против Арсими

Работнички забележа важна победа од 2-0 против Арсими во 28.коло од Првата фудбалска лига. Тимот од Дебар Маало продолжува во битката за опстанок.

Во првото полувреме немаше многу возбудувања. Во 35.минута, Мустафа беше во можност, но Ондоа добро реагираше и ја расчисти опасноста.

Две минути подоцна, Бесир Демири се реши за удар од далечина, но беше за малку непрецизен. Првиот дел заврши без голови.

Работнички дојде во водство во 54. минута. Беше тоа одлична акција во три потези, топката беше уфрлена од левата страна, а реализатор беше Сухељ Мухарем.

Десет минути подоцна, Никола Манојлов имаше одлична можност за удвојување на предноста. Излезе сам пред голманот на Арсими по еден брз противнапад, но не успеа да ја погоди мрежата.

Арсими во финишот тргна по израмнување, имаше неколку возбудувања пред голот на Работнички, но Дитмир Хоџа со погодокот во судиското продолжение го постави конечниот резултат.