Енрике: Да се освои ЛШ две години по ред е голема работа

Тренерот на Пари Сен Жермен Луис Енрике, не го криеше воодушевувањето по новата европска круна, откако неговиот тим по изведувањето пенали го совлада Арсенал во финалето на ЛШ и ја одбрани титулата освоена минатата сезона.

„Чувствувам огромна возбуда и многу емоции. Да се освои Лигата на шампионите две години по ред е навистина големо достигнување за нашите навивачи. Имавме одлична сезона, победивме на многу важни натпревари и го направивме потребното во финалето, иако беше исклучително тешко против еден навистина квалитетен тим. Арсенал одигра одлично, но ние успеавме“, изјави Енрике веднаш по мечот.

Шпанскиот стратег посебно го нагласи карактерот што го покажале неговите играчи во текот на натпреварот.

„Покажавме страст на теренот, а тоа е најважното. Се обидовме да го водиме натпреварот на начин што нам ни одговара, да ја контролираме играта. И тие се обидоа да го направат истото. На крајот ние успеавме да победиме и повторно сме шампиони на Европа“, порача пресреќниот Луис Енрике.