Седлоски и Алиоски: Подготвени сме за предизвикот против Турција

Македонската репрезентација во Истанбул, ги привршува подготовките за утрешниот контролен натпревар против Турција, една од селекциите кои обезбедија пласман на Светското првенство.
Во пресрет на дуелот на стадионот „Шукру Сарачоглу“, селекторот Гоце Седлоски истакна дека натпреварот претставува одлична можност за проверка на квалитетите на новиот тим што се создава.
„Турција е исклучително квалитетна репрезентација со фудбалери кои настапуваат на највисоко европско ниво. За нас ова е уште еден важен тест во процесот на градење на тимот. Немаме многу време за работа, но задоволен сум од односот и ангажманот на играчите. Сакам да се претставиме во добро светло и да покажеме дека можеме рамноправно да се носиме и со вакви противници“, изјави Седлоски.
Селекторот најави можност за промени во составот во однос на натпреварот против Босна и Херцеговина, со цел шанса да добијат и останатите репрезентативци.
„Во составот имаме многу нови играчи, меѓу нив и седуммина од домашното првенство. Важно е сите да почувствуваат што значи да се игра за репрезентацијата и постепено да се вклопат во системот. Резултатот е важен, но уште поважно е да изградиме препознатлива игра и тимска хемија“, додаде Седлоски.
На прес-конференцијата се обрати и Езѓан Алиоски, кој порача дека ваквите натпревари се од големо значење за развојот на селекцијата.
„Ова се мечеви од кои можеме многу да научиме. Против Босна и Херцеговина покажавме добри работи, но јасно е дека е потребно време за да се воиграме. Секој ваков натпревар е ново искуство и нов чекор напред за тимот“, рече Алиоски.
Македонскиот репрезентативец зборуваше и за значењето на дресот со број 10, кој го носи во отсуство на капитенот Енис Барди.
„Голема чест е да се носи тој број во националниот тим. Сепак, најважно е она што ќе го покажеш на теренот. Репрезентацијата секогаш ми била посебен мотив и се надевам дека ќе продолжам да придонесувам за нејзините успеси“, истакна Алиоски.
Контролниот натпревар меѓу Турција и Македонија ќе се одигра утре на стадионот „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул, со почеток во 18:30 часот.