Ираола пред промоција на „Енфилд роуд“

Андони Ираола ќе биде новиот тренер на фудбалерите на Ливерпул. Двете страни постигнале договор, истиот ќе биде официјализиран во наредните денови.
Пред неколку дена, Ливерпул официјално се раздели со Арне Слот, и веднаш се шпекулираше дека Ираола треба да биде негов наследник. Легендата на Атлетик Билбао, по завршувањето на сезоната, по три усшешни сезоно го напушти Борнмут.
Сезоната, Ираола со Борнмут ја заврши на шестото место, што значи дека „црешите“ ќе играат во Лига Европа. Од друга страна Ираола со Ливерпул ќе се натпреварува во Лигата на шампионите.
Ливерпул погоди, кога го ангажираше Арне Слот, кој веднаш ја донесе титулата на „Енфилд“. Втората сезона беше големо разочарување, а навивачите особено не го сакаа бавниот стил на фудбал. Токму тоа треба да го промени Андони Ираола.
Ираола го сака таканаречениот гегенпресинг и „организиран хаос“, агресивен пресинг еден на еден, што би можело да ги потсети навивачите на „хеви метал“ идентитетот што го негуваше Јирген Клоп. Шпанецот исто така форсира контранапади, по кои Борнмут беше особено познат.
Спортскиот директор на Ливерпул, Ричард Хјуз, е голем обожавател на работата на Ираола и токму тој го донесе во Борнмут во 2023 година.