Флорентино најави трансфер од 150 милиони евра, јавноста почна да нагаѓа

Актуелниот претседател на Реал Мадрид, Флорентино Перез го најави историски трансфер, следната недела ќе понудат 150 милиони евра, но од почит, одби да каже за кој играч станува збор.

По ветувањето на Енрике Рикелме дека ќе го донесе Ерлинг Халанд во пакет со Родри, и Флорентино Перез најави трансфер бомба.

Во гостувањето во емисијата „Оризонте“ тој најави дека ќе го собори трансфер рекордот на Реал Мадрид и ќе понуди 150 милиони евра.

„Мурињо и Конате доаѓаат, тоа веќе го знаете… преговараме и со Дамфрис, навистина добар десен бек. Но ќе пристигнат квалитетни играчи и на други позиции“ – рече Флорентино Перез.

„Во вторник ќе испратиме понуда, најголемата во историјата на Реал Мадрид, најмалку 150 милиони евра“.

Кога беше прашан за кое име е подготвен да плати историска сума, тој наместо да открие повеќе детали, само прешкрта неколку играчи.

„Не е Олисе, не е ниту Доку, не е ниту Халанд, ниту пак Кејн… Но се работи за право „галактико“ засилување. Не сакам вака да го откријам името, прво ќе разговарам со клубот, немам намера да се однесувам како Енрике Рикелме“.

Изминативе денови се шпекулираше со ангажман на Витиња од ПСЖ, а по изјавата на Флорентино Перез, медиумите почнаа да пишуваат и за Жоао Невеш од ПСЖ.

АС пак вели дека понудата може да биде и за Мајкл Олисе, и покрај тоа што самиот Флорентино Перез го шкртна фудбалерот на Баерн Минхен.

Што се однесува до најскапиот трансфер во историјата на Реал Мадрид, во моментов на врвот е Џуд Белингем, за кого беа платени нешто помалку од 130 милиони.