Спонзорот на Шкендија се закани: Ако ФФМ не ја смени одлуката, ќе размислиме да се повлечеме од мак-фудбалот

Спонзорот на актуелниот шампион јавно побара ФФМ да ја преиспита и коригира донесената одлука, а во спротивно најави можност за целосно повлекување од клубот и македонскиот фудбал.
„ФК Шкендија е еден од ретките клубови што функционира со сериозност, коректност и целосна усогласеност со спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес низ годините чинеше многу труд, средства и жртви. Покрај тоа, Шкендија е клубот кој со своите достоинствени настапи во Европа го зголеми коефициентот на лигата, од кој корист имаат сите домашни клубови и благодарение на кој, од следната година, нашиот фудбал ќе има дополнително место во европските купови.
Затоа е неприфатливо со одлуки донесени „на маса“ да се оштети еден сериозен проект и овој придонес да се „награди“ со намерни удари. Овој пристап нè тера да ја разгледаме и опцијата за повлекување од клубот, односно од фудбалот во Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, ние како спонзор сериозно ќе го преиспитаме нашето понатамошно учество, бидејќи оваа одлука ги нарушува правата и политиките на клубот“, порачуваат од Шкендија.
Тетовци очекуваат надлежните органи на ФФМ да реагираат во најкус можен рок и да ја преиспитаат казната во интерес на спортската правда и иднината на македонскиот фудбал. Шкендија беше санкционирана по повеќе основи, а најтешката казна е исфрлањето од Купот на Македонија за следната сезона поради одбивањето да ги прими медалите за вицешампион во куп натпреварувањето.