Претседателот на Фенербахче осуден на казна затвор од две и пол години

Првиот човек на турскиот фудбалски гигант Фенербахче, Садетин Саран, е осуден денеска затворска казнa во траење од две и пол години, по обвинението за поттикнување нелегално обложување.
Пресудата е изречена по големата истрага што минатата есен ја почна Турската фудбалска федерација (ТФФ) за нелегално обложување во домашниот фудбал, пренесуваат турските медиуми.
Според порталот „Хаберлер“, обвиненијата против Саран произлегуваат од наводите дека за време на натпреварите биле емитувани нелегални реклами за обложување преку медиумска групација што ја поседува.
Како дел од обемните истраги на ТФФ минатата година, голем број фудбалери, тренери, фудбалски судии и сопственици на клубови беа приведени по обвинение за вмешаност и поврзаност со нелегално обложување.
Турската федерација, исто така, суспендираше повеќе од 150 фудбалски судии како дел од истрагите минатата година, а во јануари, турските власти ја презедоа контролата врз прволигашот Ејупспор, чиј претседател, исто така, беше приведен за нелегално обложување.