Проблеми за Куман, се повреди Тимбер и нема да игра на Мундијалот

Холандската репрезентација доби нов сериозен удар во пресрет на СП откако беше потврдено дека дефанзивецот на Арсенал, Јуриен Тимбер, нема да настапи на мундијалот.

Фудбалската федерација на Холандија соопшти дека Тимбер не успеал целосно да се опорави од повредата на мускулот, поради која ризикувал и настапил во финалето на Лигата на шампионите

Сепак, таквата одлука дополнително ја влошила неговата состојба.

По деталните медицински прегледи, лекарскиот тим заклучил дека 24-годишниот дефанзивец не е подготвен за настап на турнирот во САД, Канада и Мексико.

Во соопштението од холандската федерација му се заблагодарија на Тимбер за желбата да биде дел од националниот тим и покрај проблемите со повредата.

Неговото отсуство претставува голем проблем за селекторот Роналд Куман, бидејќи Тимбер беше планиран како стандарден првотимец и еден од клучните играчи во одбраната на „лалињата“.