Тунис му врачи отказ на Менаџерот, Ламуши, по само еден натпревар

Сабри Ламуши го менаџира Тунис

Фудбалската федерација на Тунис (ФТФ) повлече незапаметен, радикален потег на Светското првенство. По само еден одигран натпревар во групната фаза, селекторот Сабри Ламуши експресно е разрешен од функцијата. Причина за ваквата шокантна одлука е катастрофалниот пораз од Шведска со 5-1 на премиерата од групата Ф во Монтереј.

Тунижаните допатуваа на Мундијалот со големи амбиции, потпирајќи се на беспрекорните квалификации во кои не примија ниту еден гол. Меѓутоа, таа дефанзивна цврстина целосно се распадна пред шведската офанзива предводена од Јасин Ајари, Александар Исак и Виктор Ѓокереш. Под притисок на јавноста, која уште претходно реагираше негативно на високиот пораз од Белгија (5-0) во подготвителниот период, раководството на федерацијата реши веднаш да стави крај на соработката со Ламуши, наместо да го чека крајот на групната фаза.

Свесни дека на соблекувалната ѝ е потребна итна стабилизација, челниците на ФТФ веднаш покренаа операција за спас на мундијалската кампања. Првичните разговори беа насочени кон враќање на поранешниот предводник Мондер Кебаиер како привремено решение. Сепак, раководството реши да игра на „голема карта“.

Претседателот на федерацијата, Моез Насари, потврди дека е постигнат официјален договор со искусниот француски стратег Ерве Ренар. Станува збор за 58-годишен фудбалски мајстор, кој на пошироката јавност ѝ е познат по историската победа на Саудиска Арабија над Аргентина на минатиот Мундијал, како и по освојувањето на Африканскиот куп на нации со Замбија и Брегот на Слоновата Коска. Тој веднаш го презема тимот и ќе го води до крајот на шампионатот.

Кратката ера на Ламуши, која траеше само пет натпревари откако седна на клупата во јануари, го запиша неговото име како прва тренерска жртва на ова Светско првенство. Тунис влезе во историјата со овој неславен рекорд, но сега целиот фокус мора да се насочи кон опстанок во групата.

Покрај загубените бодови, високиот пораз од Шведска направи огромна штета и врз гол-разликата, па Тунижаните сега се заковани на дното. Ренар се наоѓа во трка со времето за да имплементира целосно нова дефанзивна филозофија. „Орлите од Картагина“ веќе немаат право на кикс, а клучниот испит ги очекува веќе в сабота, на 20 јуни против селекцијата на Јапонија, пред тешкиот затворачки дуел со Холандија на 25 јуни.