Де Зерби гради бедем во Лондон, Ван Хеке е нов дефанзивец на Тотенхем

Ван Хеке во игра за Брајтон

Тотенхем направи огромен чекор кон реструктуирање на својата одбрана за претстојната сезона, откако постигна дефинитивен договор со Брајтон за трансферот на Јан Пол ван Хеке. Лондонскиот клуб ќе исплати фиксна и загарантирана сума од 52 милиони фунти. Овој трансфер не вклучува комплицирани бонуси, што претставува чист договор и сериозен финансиски залог за „Спарси“.

Официјализацијата доаѓа само една недела откако 26-годишниот холандски репрезентативец ги договори личните услови. Ван Хеке, кој моментално е со својата селекција на Светското првенство, подолго време бараше нов предизвик откако одби да ја продолжи верноста со Брајтон по 2027 година. Со оваа сума, Холанѓанецот влегува во историјата како петто најскапо засилување во историјата на Тотенхем.

Иако преговорите за Ван Хеке течеа мазно, раководството на Брајтон се обиде да ја искористи ситуацијата и да ја претвори зделката во двојна размена. „Галебите“ агресивно тргнаа по потписот на суперталентираниот хрватски тинејџер Лука Вушковиќ, испраќајки примамлива понуда вредна дури 35 милиони фунти за да го преселат на „Амекс“.

Сепак, Тотенхем експресно ја одби оваа понуда. Управата на клубот воопшто не сакаше да преговара за Хрватот, гледајќи го како клучен дел од долгорочниот проект, а не како монета за поткупување во трансфери. На крајот, преговарачите на Спарси успеаја целосно да го изолираат случајот „Вушковиќ“, па ангажманот на Ван Хеке остана посебна, независна трансакција со која Тотенхем го зачува својот елитен млад дефанзивец.

Доаѓањето на Ван Хеке е само продолжение на агресивната и таргетирана реконструкција која ја предводи менаџерот Роберто Де Зерби. Италијанскиот стратег веднаш почна да го крои тимот по своја мерка, обновувајќи ја соработката со Холанѓанецот со кого одлично соработуваше во Брајтон. Тој е дел од големиот бран засилувања во дефанзивата, каде претходно пристигнаа и искусниот лев бек Енди Робертсон, како и Маркос Сенеси.

Откако темелите во одбраната се цврсто поставени, скаутите на Тотенхем веќе го насочуваат фокусот кон средниот ред. Извори блиски до клубот брифираат дека Сандро Тонали од Њукасл е означен како следен апсолутен приоритет. Де Зерби во италијанскиот интернационалец гледа капитално засилување кое ќе го диктира темпото на игра, а иако финансиските барања на „Страчките“ се исклучително високи, Тотенхем е подготвен докрај да ги поддржи амбициите на својот менаџер.