Шпанецот Виктор Муњоз пред потпис со Ливерпул

Ливерпул ја активираше откупната клаузула на Виктор Муњоз од Осасуна во износ од 40.000.000 евра и наскоро ќе го официјализира трансферот на шпанскиот репрезентативен крилен играч, објави „Атлетик“. Оваа информација е вистинско изненадување, бидејќи минатата недела, сите релевантни англиски медиуми објавија дека Њукасл ја завршил работата со Муњоз.

22-годишниот фудбалер ќе потпише шестгодишен договор со Ливерпул, додека англискиот клуб ќе ја исплати отштетата на две рати.

Њукасл исто така беше заинтересиран за Муњоз, но Ливерпул ја доби трката за неговиот потпис, а спортскиот директор Ричард Хјуз и извршниот директор за фудбал Мајкл Едвардс играа клучни улоги.

Медицинските прегледи треба да се извршат во кампот на шпанската репрезентација во Атланта, каде што Муњоз моментално е дел од селекцијата за Светското првенство.

Тој ќе стане првото засилување на Ливерпул по доаѓањето на тренерот Андони Ираола, а засилувањето на напаѓачкиот дел од тимот е означено како приоритет по заминувањето на Мохамед Салах.

Дополнителна причина за реакцијата на пазарот е повредата на Ахиловата тетива на Уго Екитике, поради што ќе го пропушти почетокот на следната сезона, додека се очекува Федерико Киеза да го напушти клубот.

Муњоз пристигна во Осасуна од Реал Мадрид минатото лето за 5.000.000 евра, со клаузула според која „кралскиот клуб“ задржува 50 проценти од следниот трансфер.

Во текот на претходната сезона, тој постигна седум гола на 36 натпревари во сите натпреварувања.