Ташовски: Одиме на максимален ефект и две победи

Пред важните дуели на македонската машка кошаркарска репрезентација со Ирска и Луксембург, кои се на програмата на 2. и 5. јули, репрезентативниот бек Виктор Ташовски изјави дека пристапот мора да биде максимално сериозен и фокусиран.
Првиот предизвик за Македонија е дуелот со Ирска во Скопје, на 2. јули во салата „Лазар Лечиќ“, а потоа следува гостувањето кај Луксембург.
„Целта на двата натпревари ни е само победа. И со една победа ќе бидеме 100% сигурни на првото место, но ние ќе одиме да победиме на двата меча, со максимална фокусираност и по договор со тренерот“, вели Ташовски.
„Се надевам дека ќе добиеме помош и од публиката. Имаме повеќе квалитет и од Ирска и од Луксембург и мислам дека нема да имаме проблеми“, додава бекот.
Ирска во Скопје ќе пристигне со изменет состав во однос на првиот меѓусебен дуел во Даблин, но Ташовски посочува дека фокусот мора да остане на играта на Македонија.
„Ирска доаѓа со нов состав, само тројца играчи ако не се лажам се истите. Ние ќе се фокусираме на нашата игра и со помалку грешки од наша страна ќе одиме на успех“, истакнува Ташовски.