Димитар Митревски е нов претседател на фудбалскиот клуб Пелистер

Фудбалскиот клуб Пелистер го именуваше Димитар Митревски за нов претседател на клубот и со тоа официјално го започна проектот за сезоната 2026/27.

По оставката на досегашното раководство и стручниот штаб, акционерот на клубот, Општина Битола, донесе одлука довербата да му ја укаже на Митревски, кој на функцијата го наследува Александар Стефановски. Од битолскиот прволигаш посочија дека Митревски бил нивниот прв избор за претседателската функција и дека ја прифатил понудата да го предводи новиот проект со цел Пелистер повторно да се бори за највисоките дострели во македонскиот фудбал.

Митревски има 45 години и зад себе има богато искуство во спортскиот менаџмент и маркетингот. Во јавноста е најпознат по успешното раководење со ракометните клубови Еурофарм Работник и Еурофарм Пелистер.

Новиот претседател веднаш ќе започне со работа, а во наредниот период ќе го претстави планот за функционирање на клубот. Се очекува управата да го избере новиот шеф на стручниот штаб, како и ќе ги официјализира почетокот на подготовките и програмата за летниот подготвителен период.