Лапорта одговори на желбата на Алварез: „Соништата стануваат реалност кога се бориш за нив“

Европскиот фудбалски пазар буквално експлодира по отвореното признание на напаѓачот на Атлетико Мадрид, Хулијан Алварез. Говорејќи искрено за својата иднина, аргентинскиот голгетер јасно ја изрази желбата да го напушти главниот град: „Разговарав со луѓето во Атлетико и мислам дека трансферот е најдоброто решение за сите. Сакам да си го исполнам сонот.“
Иако гиганти како ПСЖ и Арсенал будно ја следат ситуацијата, јавна тајна е дека претпочитана дестинација на Алварез е Каталонија. И покрај одличната индивидуална сезона зад себе, во која забележа 20 голови и 10 асистенции на 52 натпревари, неговиот однос со „јорганџиите“ стигна до мртва точка. Ова навестува тензично и неизвесно лето на фудбалскиот пазар.
По ваквиот истап на фудбалерот, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, дополнително ги подгреа шпекулациите. Запросен за привлечноста на клубот и за играчите кои јавно сонуваат за „Камп Ноу“, Лапорта испрати порака со многу оптимизам.
„Јасно е дека соништата стануваат реалност. Ако работите напорно и се борите за нив, тие се исполнуваат“, изјави Лапорта. „Навистина ме бендисва тоа што повеќето фудбалери сакаат да дојдат во Барса… тоа не прави исклучително горди.“
Иако го избегна споменувањето на Алварез по име, почитувајќи го неговиот актуелен договор со директниот ривал во Ла Лига, изјавата на претседателот беше јасен сигнал за моќта што каталонскиот гигант сè уште ја има во очите на светските ѕвезди.
И додека Барселона сè уште ги консолидира своите финансии за да се усогласи со строгите правила за регистрација на Ла Лига, јавниот оптимизам на Лапорта покажува дека клубот нема намера да се откаже од трката за елитни засилувања. Обраќајќи им се на навивачите и јавноста, тој накратко ја дефинираше стратегијата за овој преоден рок: „Се надеваме дека ќе успееме да им ги исполниме соништата на сите оние играчи кои сакаат да ни се приклучат.“
Сепак, претворањето на оваа филозофија во реалност нема да биде лесно, со оглед на високата сума што Атлетико Мадрид ја бара за слободата на Аргентинецот. Но, раководството на Барса изгледа максимално подготвено да ја прифати амбицијата на играчите кои по секоја цена сакаат да го облечат „блауграна“ дресот.